Maтеј 11:10-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

10. Јован е тој за којшто Бог во Светото Писмо вели: ,Еве, испраќам Свој гласник, кој ќе го подготви патот пред Тебе.‘

11. Ве уверувам дека, меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител; и покрај тоа, и најмалиот во небесното царство е поголем од него.

12. Откако Јован Крстител започна да проповеда и да крштава, па си досега, има навала во небесното царство и во него со навала се влегува!

13. Зашто, си до Јован, сите пророци, како и Книгите на Законот, него го претскажуваа.

14. И ако сакате да знаете, Јован е оној „Илија“ што требаше да дојде.

15. Кој има уши, нека слуша!“

16. „Со што да ја споредам оваа генерација? Овие луѓе се како деца кои седат по плоштадите и им се жалат на минувачите:

17. ,Прво ви свиревме весело на флејта, но вие не заигравте; потоа ви запеавме таговни песни, но вие не заплакавте!‘

18. Прво, значи, дојде Јован Крстител, кој не одеше на веселби да јаде и да пие, а тие велеа ,Демони има во него!‘

19. Потоа дојдов Јас, Синот Човечки, кој одам на веселби, јадам и пијам, а тие велат: ,Овој човек е лаком и пијаница, другар на наплатувачи на данок и на грешници!‘ Меѓутоа, Божјата мудрост се оправда со своите резултати.“

20. Тогаш Исус почна да ги укорува градовите во кои Тој направи голем број чуда, а тие сепак не се покајаа, не се обратија кон Бог.

21. „Тешко тебе, Коразине! Тешко тебе Бетцаидо! Да беа во градовите Тир и Сидон направени чудата што беа извршени кај вас, тие одамна ќе се беа покајале, облекувајќи се во покајнички облеки и посипувајќи се со пепел!

22. Но, ви велам, полесно ќе им биде на Судниот ден на Тир и на Сидон, отколку вам!

23. А ти, граде Кафарнауме што сакаш до небото да се издигнеш! Ете, до адот ќе се струполиш! Да беа во Содом извршени чудата што ги виде ти, тој град до денес ќе постоеше.

24. Но, ти велам, на Судниот ден ќе му биде полесно на градот Содом, отколку тебе!“

25. Во тој момент Исус рече: „Те славам, Татко, Господару на небото и на Земјата, што им го откриваш на скромните она што си го скрил од оние кои се сметаат себе за мудри и учени.

26. Да, Татко, зашто така сакаше Ти.“

27. „Мојот Татко Ме има овластено Мене за си. Никој друг не Го познава Синот, освен Таткото, и никој друг не Го познава Таткото, освен Синот и оние на кои Синот сака да им Го објави.“

28. „Дојдете кај Мене сите вие кои сте изморени и натоварени со тешки бремиња, Јас ќе ве одморам!

Maтеј 11