8. Исцелувајте болни, враќајте во живот умрени, исчистувајте лепрозни, изгонувајте демони. Правете го тоа бесплатно, како што и вам таа моќ ви беше дадена бесплатно.
9. И не носете златни, сребрени или бакарни пари со себе;
10. ни торби, ни два пара облека, ни сандали, ни стап, зашто на тој што работи ќе му ја дадат заслужената плата!
11. Кога ќе пристигнете во некој град или село, распрашајте се кој е побожен и останете кај него до вашето заминување.
12. При влегувањето во таа куќа, благословете ги домаќините со мир.
13. И доколку тие бидат достојни, мирот навистина ќе им остане, а доколку не се покажат достојни, повлечете си го благословот за мир.
14. Таму каде што нема да ве примат и нема да ве слушаат, напуштете ја таа куќа или град и притоа истресете го и правот од вашите нозе.
15. Ве уверувам дека, на Судниот ден, полесно ќе им биде на градовите Содом и Гомора, отколку на тој град.“
16. „Еве, Јас ве испраќам вас како овци меѓу волци. Затоа, бидете мудри како змии, а во исто време и кротки како гулаби.
17. Пазете се, зашто ќе има луѓе кои ќе ве предаваат на судови и ќе ве камшикуваат по синагогите.
18. Поради вашата вера во Мене, ќе бидете приведувани на сослушување пред управители и владетели; тоа ќе биде сведоштво за нив и за светот.
19. А кога ќе ве приведат на сослушување, не грижете се како и што ќе зборувате во своја одбрана; ќе ви бидат дадени вистинските зборови во вистинскиот час.
20. Зашто, преку вас ќе зборува Духот на вашиот небесен Татко, а не самите вие.
21. Понекогаш и брат брата ќе предава на смрт, и татко своето чедо; деца ќе се креваат против родители и ќе ги предаваат на смрт.
22. Поради вашата вера во Моето име сите ќе ве замразат. Но, спасението е за оние што ќе издржат докрај!