12. При влегувањето во таа куќа, благословете ги домаќините со мир.
13. И доколку тие бидат достојни, мирот навистина ќе им остане, а доколку не се покажат достојни, повлечете си го благословот за мир.
14. Таму каде што нема да ве примат и нема да ве слушаат, напуштете ја таа куќа или град и притоа истресете го и правот од вашите нозе.
15. Ве уверувам дека, на Судниот ден, полесно ќе им биде на градовите Содом и Гомора, отколку на тој град.“
16. „Еве, Јас ве испраќам вас како овци меѓу волци. Затоа, бидете мудри како змии, а во исто време и кротки како гулаби.
17. Пазете се, зашто ќе има луѓе кои ќе ве предаваат на судови и ќе ве камшикуваат по синагогите.
18. Поради вашата вера во Мене, ќе бидете приведувани на сослушување пред управители и владетели; тоа ќе биде сведоштво за нив и за светот.
19. А кога ќе ве приведат на сослушување, не грижете се како и што ќе зборувате во своја одбрана; ќе ви бидат дадени вистинските зборови во вистинскиот час.
20. Зашто, преку вас ќе зборува Духот на вашиот небесен Татко, а не самите вие.
21. Понекогаш и брат брата ќе предава на смрт, и татко своето чедо; деца ќе се креваат против родители и ќе ги предаваат на смрт.
22. Поради вашата вера во Моето име сите ќе ве замразат. Но, спасението е за оние што ќе издржат докрај!
23. А штом почнат да ве прогонуваат од еден град, вие одете во друг. Ве уверувам дека нема да втасате да ја завршите работата по сите градови во Израел, додека да се вратам Јас, Синот Човечки.
24. Ученикот не е поголем од учителот, слугата не е поголем од господарот.
25. Ученикот ја споделува судбината на својот учител, а слугата на својот господар. Ако Мене, Стопанот на Божјата куќа Ме нарекоа „најголем ѓавол“, тогаш, колку повеќе ќе ви го прават тоа вам, кои сте Мое семејство!?“
26. „Меѓутоа, не плашете се од луѓето. Си што е сега скриено, ќе излезе на виделина и секоја тајна ќе биде јавно објавена.
27. Тоа што ви го кажувам сега во темнина, разгласете го преку денот и она што ви е кажано со шепот, разгласувајте го гласно, од покривите на куќите!
28. Не плашете се од оние што можат да го убијат само телото, а не можат да ја убијат душата; плашете се единствено од Бог, Кој има моќ да ги уништи и душата и телото во пеколот.
29. Зар не се продаваат две врапчиња за една паричка? Па сепак, ниедно од нив не паѓа наземи, ако тоа не го дозволи вашиот небесен Татко.
30. А вам и влакната на главата ви се броени!