1. Исус ги повика Своите дванаесет ученици и им даде власт да истеруваат зли духови и да исцелуваат секаков вид болести и заболувања.
2. Ова се имињата на дванаесетте апостоли: прв е Симон познат и како Петар и брат му Андреј; потоа следуваат: Јаков синот на Завдај, и брат му Јован;
3. Филип и Бартоломеј; Тома и собирачот на данок Матеј; Јаков синот на Алфеј; Тадија,
4. хананеецот Симон, и Јуда Искариот, кој подоцна Го предаде Исуса.
5. Исус ги испрати овие дванаесетмина и им ги даде следниве упатства: „Не одете кај нееврејските народи и не влегувајте во градови на Самарија,
6. туку, одете меѓу Израелците Божјите загубени овци.
7. Одете и проповедајте им дека: ,небесното царство се приближува!‘
8. Исцелувајте болни, враќајте во живот умрени, исчистувајте лепрозни, изгонувајте демони. Правете го тоа бесплатно, како што и вам таа моќ ви беше дадена бесплатно.
9. И не носете златни, сребрени или бакарни пари со себе;
10. ни торби, ни два пара облека, ни сандали, ни стап, зашто на тој што работи ќе му ја дадат заслужената плата!
11. Кога ќе пристигнете во некој град или село, распрашајте се кој е побожен и останете кај него до вашето заминување.
12. При влегувањето во таа куќа, благословете ги домаќините со мир.
13. И доколку тие бидат достојни, мирот навистина ќе им остане, а доколку не се покажат достојни, повлечете си го благословот за мир.
14. Таму каде што нема да ве примат и нема да ве слушаат, напуштете ја таа куќа или град и притоа истресете го и правот од вашите нозе.
15. Ве уверувам дека, на Судниот ден, полесно ќе им биде на градовите Содом и Гомора, отколку на тој град.“