Марко 9:6-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

6. Ова го рече не знаејќи што друго да каже, зашто тие беа многу исплашени.

7. Во тој момент ги засени еден густ облак, а од облакот проговори глас: „Ова е Мојот Син, Мојот Љубимец; Него слушајте Го.“

8. Учениците тогаш се обѕрнаа околу себе, но Го видоа само Исуса и никој друг.

9. Додека слегуваа од планината, Исус им рече: „Никому не кажувајте му за ова што го видовте, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.“

10. Тие Го послушаа, но меѓу себе се прашуваа: „Што сакаше да каже со воскреснувањето од мртвите?“

11. Потоа учениците Го прашаа Исуса: „Зошто вероучителите велат дека пред да се појави Месијата, треба да дојде Илија?“

12. Исус им одговори: „Бездруго, најпрво ќе дојде Илија, за да подготви сe. Но, зар Светото Писмо не го вели и тоа дека Синот Човечки многу ќе настрада и дека ќе биде отфрлен?

13. Ве уверувам дека Илија веќе дојде, но луѓето постапија со него како што сакаа - токму како што е претскажано во Светото Писмо!“

14. Кога Исус и тројцата Негови ученици се вратија кај другите ученици, забележаа голема толпа народ и вероучители како се расправаат со нив.

15. Луѓето се изненадија при појавата на Исус и веднаш Му потрчаа во пресрет да Го поздрават.

16. Исус ги запраша: „За што се расправавте?“

17. Еден човек од народот Му одговори: „Учителе! Го носев син ми кај Тебе. Обземен е од демонски дух и нем е.

18. Кога ќе добие напад паѓа наземи, устата му пени, крцка со забите и се вкочанува. Ги замолив Твоите ученици да го ослободат од демонскиот дух, но тие не можеа.“

19. Тогаш Исус рече: „Ах, безверен народе! До кога ќе морам да бидам со вас и да ве поднесувам!? Доведете го момчето кај Мене!“

20. Го доведоа момчето. Кога демонскиот дух во него Го виде Исуса, веднаш го нападна момчето: тресејќи се, момчето падна на земјата, почна да се валка, а од устата му излегуваше пена.

21. Исус го праша таткото на момчето: “Од кога му е вака?“ “Уште од детството“ - одговори таткото.

22. „Демонот во него честопати се обидува да го убие, фрлајќи го во оган или во вода. Ако можеш, те молам, смилувај ни се и помогни ни!“

23. „Зошто велиш: ?Ако можеш‘? Нема ништо невозможно за оној што има вера!“ - му одговори Исус.

Марко 9