Марко 9:20-35 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

20. Го доведоа момчето. Кога демонскиот дух во него Го виде Исуса, веднаш го нападна момчето: тресејќи се, момчето падна на земјата, почна да се валка, а од устата му излегуваше пена.

21. Исус го праша таткото на момчето: “Од кога му е вака?“ “Уште од детството“ - одговори таткото.

22. „Демонот во него честопати се обидува да го убие, фрлајќи го во оган или во вода. Ако можеш, те молам, смилувај ни се и помогни ни!“

23. „Зошто велиш: ?Ако можеш‘? Нема ништо невозможно за оној што има вера!“ - му одговори Исус.

24. Со силен глас, таткото извика: „Верувам, но помогни ми да не се сомневам!“

25. Кога Исус виде дека сe повеќе народ се собира, со строг глас му нареди на глувонемиот дух да излезе од момчето и никогаш повеќе да не се врати во него.

26. Демонскиот дух вресна, силно го стресе момчето и излезе од него. Момчето за миг изгледаше како да е мртво, а така мислеа и насобраните луѓе.

27. Но Исус го фати за рака и го исправи. Момчето застана на своите нозе.

28. Кога Исус се врати дома, Неговите ученици насамо Го запрашаа: „Зошто ние не можевме да го истераме демонскиот дух?“

29. Исус им одговори: „Овој вид демони можат да се избркаат само со молитва.“

30. Заминувајќи си оттаму, Исус и Неговите ученици патуваа низ покраината Галилеја. Исус не сакаше никој да дознае за тоа.

31. Тој сакаше да го мине времето поучувајќи ги само Своите ученици. Им зборуваше дека Тој, Синот Човечки, ќе им биде предаден на луѓето и дека тие ќе Го погубат, но и тоа дека три дена по погубувањето Тој ќе воскресне од мртвите.

32. Тие не сфаќаа за што зборува, а се плашеа да Го распрашуваат околу тоа.

33. Потоа Исус и Неговите ученици отидоа во Неговата куќа во градот Кафарнаум. Таму, во куќата, Исус ги праша: „За што се расправавте по патот?“

34. Тие молчеа, бидејќи расправијата беше околу тоа, кој од нив е најважен.

35. Седнувајќи, Исус ги повика дванаесеттемина Свои ученици да се соберат околу Него, па им рече: „Тој што сака почесно место меѓу вас, треба да им биде како слуга на сите!“

Марко 9