5. Затоа, фарисеите и вероучителите Го прашаа Исуса: „Зошто Твоите следбеници не постапуваат според преданијата од старите и седнуваат да јадат без ритуално да си ги измијат рацете?“
6. Исус им одговори: „Лицемери! Убаво рекол за вас Бог, преку пророкот Исаија: ,Овој народ Ме почитува со устата, но срцето му е далеку од Мене!
7. Се залажуваат дека Ме почитуваат, а всушност ги шират своите човечки обичаи како да се Мои заповеди!‘
8. Вие ги оставивте Божјите заповеди, а ги чувате човечките преданија!
9. Лукаво ги укинувате Божјите заповеди за да ги чувате своите преданија!
10. Зар Мојсеј не ви заповеда да ги исполнувате обврските спрема своите родители, и со смрт да го казните оној што ќе ги проколне мајка си или татко си?
11. А вие ги учите луѓето дека е доволно да го ветат својот имот на црквата, како подарок за Бог,
12. со што ќе се ослободат од обврската да се грижат за своите родители!
13. Значи, укинувате Божја заповед за да ги воведете своите преданија! И многу други вакви работи правите!“
14. Тогаш Исус повторно го повика народот кај Себе и му рече: „Слушајте Ме внимателно и со расудување!
15. Ниедна храна што ја јадете нема духовно да ве опогани, туку лошите зборови и постапки ве опогануваат!“