Марко 7:23-31 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

23. Сите овие лоши работи излегуваат однатре и тие се што го опогануваат човекот.“

24. Заминувајќи си оттаму, Исус отиде во пределот на градовите Тир и Сидон. Се смести во една куќа и се трудеше никој да не дознае за тоа, но не можеше да остане во тајност.

25. Една жена, чија ќерка беше обземена од демонски дух, дозна каде е Исус. Веднаш дојде кај Него и падна на колена.

26. Жената беше Гркинка, родум од областа Феникија, во Сирија. Таа Го замоли Исуса да ја ослободи нејзината ќерка од демонот.

27. Но Исус и рече: „Дозволи најпрво Божјите избрани деца, Израелците, да се нахранат! Не е право да им се одземе лебот на децата и да им се даде на кучињата!“

28. „Така е, Господине, но и кучињата под масата ги јадат трошките што им паѓаат на децата!“ – Му одговори таа.

29. Тогаш Исус и рече: „За ваквиот одговор, оди си, ќерка ти веќе ја излекував од демонскиот дух!“

30. Кога жената се врати дома, ќерка и лежеше в постела излекувана од демонскиот дух.

31. Враќајќи се од месноста околу градот Тир, преку градот Сидон, Исус се упати назад кон Галилејското Езеро, во подрачјето на Декаполис.

Марко 7