Марко 6:5-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

5. Таму не можеше да направи многу чуда, освен што исцели неколку болни, допирајќи ги со Своите раце.

6. Остана изненаден од нивната неверба. Исус одеше по околните села и поучуваше.

7. Потоа ги повика Дванаесетте апостоли и ги испрати по двајца, давајќи им моќ да изгонуваат демонски духови.

8. Им ги даде следниве упатства: „Патувајте само со стап во рацете. Не носете со себе ни храна, ни торба, ни пари.

9. Носете сандали, но не и резервна облека.

10. Кога ќе ве прими некое семејство, останете кај него сe додека не си заминете од тој град.

11. Ако некое место не сака да ве прими и да ве слуша, одете си оттаму и истресете им го и правот од сандалите, како знак на осуда за нив.“

12. Тогаш апостолите заминаа и им проповедаа на луѓето да Му се вратат на Бог.

13. Изгонуваа многу демонски духови и исцелуваа голем број болни, премачкувајќи ги со маслиново масло.

14. За Исус насекаде се зборуваше, така што и царот Ирод слушна за Него. Се ширеше глас дека всушност Јован Крстител оживеал од мртвите и дека затоа преку Него дејствуваат чудотворни сили.

15. Други говореа дека Исус е пророкот Илија или некој друг од древните пророци.

16. Но самиот Ирод, откако слушна за Исус, рече: „Ова мора да е Јован Крстител! Јас му ја отсеков главата, а тој воскреснал!“

17. Имено, Ирод беше заповедал да го уапсат Јована и окован да го фрлат в затвор, сe заради Иродијада, жената на Филип, братот на Ирод, која Ирод ја беше зел за своја жена.

18. Јован постојано му зборуваше на Ирод: „Немаш право да ја присвојуваш жената на брат ти!“

19. Поради ова, Иродијада го беше намразила Јована и сакаше да го убие, но немаше погодна можност.

20. Ирод, пак, се плашеше од Јован и го заштитуваше, бидејќи знаеше дека тој е праведен и богопосветен човек. Иако Ирод често беше вознемирен од она што го зборуваше Јован, сепак честопати и со задоволство го слушаше.

21. Но Иродијада начека погоден момент кога Ирод приреди свечен прием по повод својот роденден и ги покани своите високи службеници, воени старешини и видни личности од покраината Галилеја.

22. Тогаш влезе ќерката на Иродијада и танцуваше пред Ирод и неговите гости. Сите беа одушевени и Ирод и рече: „Ќе ти дадам сe што ќе посакаш!

Марко 6