1. Исус си замина оттаму и заедно со Своите ученици се врати во својот град.
2. Во саботата Тој отиде во синагогата да поучува. Многуброен народ занесно Го слушаше, прашувајќи се: „Од каде го знае сето ова? Од каде Му е оваа мудрост и моќ да прави чуда?
3. Не ли е ова дрводелецот - синот на Марија, братот на Јаков, Јосиф, Јуда и Симон? Нели сестрите Негови и денес живеат меѓу нас!?“ Така, жителите на Назарет со сомневање гледаа на Исус.
4. Затоа Исус им рече: „Пророкот добива признание отсекаде, освен од својот град, од своите роднини и од своето семејство!“
5. Таму не можеше да направи многу чуда, освен што исцели неколку болни, допирајќи ги со Своите раце.
6. Остана изненаден од нивната неверба. Исус одеше по околните села и поучуваше.
7. Потоа ги повика Дванаесетте апостоли и ги испрати по двајца, давајќи им моќ да изгонуваат демонски духови.
8. Им ги даде следниве упатства: „Патувајте само со стап во рацете. Не носете со себе ни храна, ни торба, ни пари.
9. Носете сандали, но не и резервна облека.
10. Кога ќе ве прими некое семејство, останете кај него сe додека не си заминете од тој град.
11. Ако некое место не сака да ве прими и да ве слуша, одете си оттаму и истресете им го и правот од сандалите, како знак на осуда за нив.“
12. Тогаш апостолите заминаа и им проповедаа на луѓето да Му се вратат на Бог.
13. Изгонуваа многу демонски духови и исцелуваа голем број болни, премачкувајќи ги со маслиново масло.
14. За Исус насекаде се зборуваше, така што и царот Ирод слушна за Него. Се ширеше глас дека всушност Јован Крстител оживеал од мртвите и дека затоа преку Него дејствуваат чудотворни сили.
15. Други говореа дека Исус е пророкот Илија или некој друг од древните пророци.