1. Покрај брегот на Галилејското Езеро, Исус уште еднаш почна да го поучува народот. Се беше собрал толку многу народ, што Тој мораше да се качи на едно рибарско бротче и оттаму да му зборува на народот кој стоеше на брегот.
2. За многу работи ги учеше, користејќи се со споредби. Во една од нив им упати ваква порака:
3. „Слушајте го ова: Еден сејач излезе да сее на својата нива.
4. Сеејќи така, дел од семето падна на тврда почва, покрај патот; долетаа птици и го исколваа.
5. Друг дел од семето падна на каменеста почва, каде што имаше малку земја и тоа брзо никна, бидејќи земјата беше плитка.
6. Но штом опече сонцето, стебленцата свенаа и се исушија, бидејќи немаа доволно длабоки корени за да ги одржат во живот.
7. Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата и тие не донесоа никаков род.
8. Конечно, дел од семето падна на плодна почва каде што изникна, порасна и донесе род: едно стебло роди триесет, друго шеесет, а трето - сто зрна.“
9. Потоа Исус заклучи: „Ако имате уши - слушајте внимателно!“
10. Кога Исус беше насамо со Своите дванаесет апостоли и со уште некои следбеници, тие Го прашаа за причината поради која Тој се служи со споредби.
11. Тој им одговори: „Вам ви е објавена тајната за Божјото царство, но на другите луѓе им зборувам преку споредби,
12. бидејќи тие, имајќи очи - не гледаат, имајќи уши - не слушаат, ниту пак се трудат да разберат, па да се обратат кон Бог и Тој да им прости.“