Марко 3:6-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

6. Фарисеите веднаш излегоа и заедно со приврзаниците на Ирод се договорија да Го убијат Исуса.

7. Исус се повлече со Своите ученици по должината на езерското крајбрежје. По Него одеше голема толпа народ од Галилеја,

8. како и од Јудеја, од Ерусалим, од Идумеја и од други места на источната страна од реката Јордан. Доаѓаа и луѓе од поширокото подрачје на градовите Тир и Сидон. Сите тие дојдоа, откако беа слушнале за делата на Исус.

9. Тој беше принуден да им каже на Своите ученици во секое време да имаат подготвено бротче за Него, за да не Го згмечи народот.

10. Бидејќи исцелуваше мнозина, сите болни навалуваа кон Него, за да Го допрат.

11. А демонските духови паѓаа ничкум пред Исус и викаа: „Ти Си Божјиот Син!“ -

12. иако Тој строго им забрануваше да кажуваат кој е Тој.

13. Потоа Исус се упати кон гората, повикувајќи ги со Себе и оние што ги беше избрал. Тие Му се придружија.

14. Од нив Тој избра дванаесет души да бидат Негови апостоли: да Го придружуваат и да ги испраќа да проповедаат.

15. Исто така и да ги ослободуваат луѓето обземени од демони.

16. А дванаесеттемина беа овие: Симон, кого Исус го нарече Петар,

17. Завдаевите синови Јаков и Јован, кои Исус ги нарече „грмежливи синови“,

18. Андреј, Филип, Бартоломеј, Матеј, Тома, Алфеевиот син Јаков, потоа Тадија, Симон Кананеецот,

19. и Јуда Искариот, кој подоцна стана предавник на Исус.

20. Исус се врати дома, а голема толпа народ повторно навали, така што Тој и Неговите ученици не можеа ни да јадат.

Марко 3