Марко 14:61-72 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

61. Исус молчеше и ништо не одговараше. Првосвештеникот Му постави на Исус уште едно прашање: „Ти ли си Месијата, Синот на Преславниот Бог?“

62. „Да, Јас Сум!“ - Му одговори Исус и додаде: “Наскоро ќе Ме видите Мене, Синот Човечки, како седам оддесно на Семоќниот и како доаѓам на небесните облаци!“

63. На ова, Првосвештеникот си ја раскина облеката и рече:

64. „Зар ни се потребни други сведоци!? Го чувте Неговото богохулство! Што предлагате?“ Сите се сложија дека Исус заслужува смртна казна.

65. Тогаш некои од луѓето почнаа да Го плукаат Исуса. Му ги врзаа очите, Го удираа со тупаници и Му велеа: „Погоди кој те удри!“ И чуварите Го удираа по главата.

66. Додека Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на Првосвештеникот

67. и го виде Петар како се грее крај огнот. Се загледа во него и му рече: „И ти беше со Назареќанецот Исус!“

68. Но Петар одрекуваше, велејќи: „Не е точно тоа што го тврдиш!“ Потоа се упати кон вратата и во тој момент запеа петел.

69. Слугинката повторно го виде Петар и одново им се обрати на присутните: „И овој е од нив!“

70. Но Петар и овојпат одрекуваше. Малку подоцна, некои од присутните одново Му рекоа на Петар: „Вистина е, и ти си еден од нив, па и Галилеец си!“

71. Овојпат Петар почна да се колне и да ги уверува: „Не Го познавам човекот за Кој зборувате!“

72. Во тој момент повторно запеа петел и Петар се сети на Исусовите зборови: „Пред второто пеење на петлите, ти трипати ќе се откажеш од Мене!“ Тогаш Петар заплака.

Марко 14