Марко 14:19-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

19. Тоа ги нажали учениците и тие почнаа еден по еден да Го прашуваат: „Да не мислиш дека тоа ќе бидам јас?“

20. Исус им одговори: „Ќе биде еден од вас дванаесеттемина што мака од иста чинија со Мене!

21. Јас, Синот Човечки, ќе умрам, како што е претскажано за Мене. Но тешко си му на човекот што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! За тој човек, подобро ќе беше воопшто да не се родеше!“

22. За време на вечерата, Исус зеде леб, го благослови, го раскрши на парчиња и им го подаде на учениците, велејќи: „Земете, ова го претставува Моето тело.“

23. Потоа зеде чаша со вино, го благослови и им го подаде на учениците. Сите пиеја од него.

24. Потоа им рече: „Тоа ја претставува Мојата крв - крв на Божјиот завет со вас, која се пролева за мнозина.

25. Ви велам дека отсега нема повеќе да пијам од лозовиот плод сe додека одново не пијам во Божјото царство.“

26. Потоа испеаја псалми и заминаа на Маслиновата Гора.

27. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Сите вие ќе Ме напуштите, како што е запишано: ,Ќе удрам по Пастирот и овците ќе се разбегаат!‘

28. Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја!“

29. Петар се огласи, велејќи: „Дури и ако сите други потклекнат, јас нема да потклекнам!“

30. Исус му одговори: „Те уверувам дека токму ти, уште ноќва, пред второто пеење на петлите, трипати ќе се откажеш од Мене!“

Марко 14