Марко 14:12-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

12. На првиот ден од празникот Бесквасници, кога се колеа пасхалните јагниња, учениците Го прашаа Исуса: „Каде би сакал да ја подготвиме пасхалната вечера?“

13. Исус им рече на двајца од Своите ученици: „Отидете во градот. Таму ќе сретнете еден човек како носи стомна со вода. Тргнете по него.

14. Кога ќе влезе во куќата, речете му на домаќинот: ,Нашиот Учител прашува во која соба ќе може да ја одржи пасхалната вечера со Своите ученици?‘

15. Домаќинот ќе ви покаже една голема соба, на горниот кат, послана и подготвена. Пригответе ја вечерата таму.“

16. Двајцата ученици отидоа во градот и најдоа сe онака како што им беше рекол Исус. Таму ја приготвија пасхалната вечера.

17. Вечерта, пристигна Исус со дванаесеттемина Свои ученици.

18. За време на вечерата, Исус им рече: „Еден од вас што вечера со Мене, ќе Ме предаде.“

19. Тоа ги нажали учениците и тие почнаа еден по еден да Го прашуваат: „Да не мислиш дека тоа ќе бидам јас?“

20. Исус им одговори: „Ќе биде еден од вас дванаесеттемина што мака од иста чинија со Мене!

21. Јас, Синот Човечки, ќе умрам, како што е претскажано за Мене. Но тешко си му на човекот што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! За тој човек, подобро ќе беше воопшто да не се родеше!“

22. За време на вечерата, Исус зеде леб, го благослови, го раскрши на парчиња и им го подаде на учениците, велејќи: „Земете, ова го претставува Моето тело.“

23. Потоа зеде чаша со вино, го благослови и им го подаде на учениците. Сите пиеја од него.

24. Потоа им рече: „Тоа ја претставува Мојата крв - крв на Божјиот завет со вас, која се пролева за мнозина.

25. Ви велам дека отсега нема повеќе да пијам од лозовиот плод сe додека одново не пијам во Божјото царство.“

26. Потоа испеаја псалми и заминаа на Маслиновата Гора.

27. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Сите вие ќе Ме напуштите, како што е запишано: ,Ќе удрам по Пастирот и овците ќе се разбегаат!‘

28. Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја!“

29. Петар се огласи, велејќи: „Дури и ако сите други потклекнат, јас нема да потклекнам!“

Марко 14