Марко 12:16-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

16. Кога Му подадоа, Тој ги запраша: „Чиј лик и име се втиснати на парава?“ „На императорот!“ - му одговорија тие.

17. Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога тоа што Му припаѓа на Бога!“

18. Тогаш кај Исус дојдоа некои садукеи (тие тврдат дека нема да има воскресение на мртвите) и Го прашаа:

19. „Учителе! Мојсеј ни пропишал дека, доколку некој маж умре и остави зад себе вдовица без деца, живиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат.

20. Си беа седуммина браќа, од кои првиот се ожени и умре без да има деца.

21. Вториот брат се ожени со вдовицата на својот починат брат, но и тој умре без деца. Истото се случи и со третиот брат.

22. Ниту еден од седумтемина не остави потомство. На крајот умре и жената.

23. Кога ќе воскреснат од мртвите, чија жена ќе биде таа, со оглед на тоа што им била сопруга на сите седум браќа!?“

Марко 12