Марко 12:15-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

15. Исус го проѕре нивното лукавство, па им одговори: „Зошто сакате да Ми поставите стапица? Дајте Ми еден римски денариј да го видам!“

16. Кога Му подадоа, Тој ги запраша: „Чиј лик и име се втиснати на парава?“ „На императорот!“ - му одговорија тие.

17. Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога тоа што Му припаѓа на Бога!“

18. Тогаш кај Исус дојдоа некои садукеи (тие тврдат дека нема да има воскресение на мртвите) и Го прашаа:

19. „Учителе! Мојсеј ни пропишал дека, доколку некој маж умре и остави зад себе вдовица без деца, живиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат.

20. Си беа седуммина браќа, од кои првиот се ожени и умре без да има деца.

21. Вториот брат се ожени со вдовицата на својот починат брат, но и тој умре без деца. Истото се случи и со третиот брат.

22. Ниту еден од седумтемина не остави потомство. На крајот умре и жената.

23. Кога ќе воскреснат од мртвите, чија жена ќе биде таа, со оглед на тоа што им била сопруга на сите седум браќа!?“

24. Исус им одговори: „Вие сте во заблуда, бидејќи не го знаете учењето на Светото Писмо! А не ја знаете ни Божјата сила!

25. Кога луѓето ќе воскреснат од мртвите нема да бидат ни женети ни мажени. Тие ќе бидат како ангели на небото.

26. А што се однесува до воскресението на мртвите, зар не сте читале во Мојсеевите книги за тоа како Бог му се јави на Мојсеј во разгорената грмушка и му рече: ,Јас Сум Бог на Кој Му служат Авраам, Исак и Јаков!‘

Марко 12