Марко 12:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Тогаш Исус им ја кажа оваа споредба: “Еден човек си насади лозје, го загради со плот, ископа јама за гмечење на грозјето и изгради чуварска кула. Потоа им го даде лозјето под наем на лозарите, а тој замина на пат.

2. Кога дојде време за гроздобер, тој испрати еден од своите слуги кај лозарите, за да му го донесе делот од бербата што му припаѓа како надомест.

3. Но лозарите го фатија, го натепаа и го избркаа со празни раце.

4. Тој повторно им испрати друг слуга, но тие го изудрија по главата и го изнавредија.

5. Им испрати и трет слуга, но тие го убија. Потоа испрати и многу други слуги, но лозарите едни од нив претепаа, други убија.

6. Му остана уште само еден: неговиот син-љубимец. На крајот им го испрати и него, сметајќи дека ќе имаат почит спрема него.

7. Но лозарите си рекоа меѓу себе: ,Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!‘

8. И го фатија, го убија, а телото му го исфрлија надвор од лозјето.

9. Што мислите, што ќе направи сопственикот на лозјето? - Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе им го даде на други лозари!

10. Зар не сте го читале ова во Светото Писмо: ,Каменот што ѕидарите го отфрлија стана камен-темелник!

11. Тоа го направи Господ - како прекрасна глетка пред нашите очи!‘“

Марко 12