Марко 10:13-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. Некои луѓе ги носеа своите деца кај Исус за да ги прегрне и да ги благослови. Учениците, пак, ги одвраќаа.

14. Кога Исус го забележа тоа, ги прекори учениците и им рече: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај Мене! Не попречувајте им, зашто на таквите како нив им припаѓа Божјото царство!

15. Ве уверувам дека нема да влезете во Божјото царство, доколку не го прифатите со вера каква што имаат малите деца!“

16. Потоа Исус ги гушна децата и ги благослови, положувајќи ги Своите раце врз нивните глави.

17. Кога Исус излегуваше кон патот, Му притрча еден човек, клекна на колена и Го праша: „Добар Учителе! Што треба да правам за да се здобијам со вечен живот?“

18. Исус му одговори: „Зошто Ме нарекуваш ,добар‘? Само Бог е добар!

19. Ги знаеш Божјите заповеди: Не убивај, не врши прељуби, не кради, не зборувај лаги за другите, не мами, почитувај ги мајка си и татка си ...“

20. Човекот Му одговори: „Учителе! Кон сите овие заповеди се придржувам уште од детството!“

21. Тогаш Исус милно го погледна и му рече: „Има уште едно нешто што треба да го направиш: оди, продај го сиот свој имот и раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе добиеш имот на небото. Потоа тргни по Мене и стани Мој следбеник.“

22. Кога го чу ова, човекот си замина разочаран и тажен, бидејќи поседуваше голем имот.

23. Исус погледна наоколу и им се обрати на Своите ученици: „Колку им е тешко на богатите да влезат во Божјото царство!“

24. Учениците се изненадија од овие зборови, но Исус продолжи: „Чеда! Тешко се влегува во Божјото царство!

25. Полесно камила ќе се спровре низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во Божјото царство!“

26. Учениците уште повеќе се збунија, па почнаа да си шепотат еден на друг: „Тогаш, кој може да се спаси!?“

27. Исус впечатливо ги погледна и им рече: „За луѓето е невозможно, но за Бог нема ништо невозможно!“

Марко 10