18. Двајцата браќа веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него.
19. Малку понатаму, Исус ги забележа Завдаевите синови Јаков и Јован. Тие седеа во своето бротче и си ги крпеа рибарските мрежи. Веднаш ги повика и нив.
20. Оставајќи ги својот татко и наемните работници во бротчето, тие тргнаа по Исус.
21. Придружуван од Своите ученици, Исус отиде во градот Кафарнаум. Во саботата, отиде во синагогата и почна да ги поучува луѓето.
22. Сите беа восхитени од Неговото учење. Тој поучуваше со вистински авторитет, а не како вероучителите.
23. Одненадеж, во синагогата влезе еден човек обземен со демонски дух и почна да вика:
24. „Што ќе ни сториш, Исусе од Назарет!? Дојде за да нe уништиш, нели!? Те знам Кој си: Ти си Божјиот Светец!“
25. Исус му заповеда на демонскиот дух: „Замолкни и излези од човекот!“
26. Демонскиот дух го стресе човекот и со силна викотница излезе од него.
27. Луѓето останаа вчудовидени и си велеа еден на друг: „Што е ова? Некое ново и моќно учење! На демонски духови им заповеда и тие Му се покоруваат!“
28. Вестите за Исус бргу се раширија по цела Галилеја.
29. Напуштајќи ја синагогата, во придружба на Јаков и Јован, Исус отиде во куќата на Симон и Андреј.
30. Таму Му кажаа дека тештата на Симон лежи болна со силна треска.