12. При квечерината, кај Исус дојдоа Неговите дванаесетмина ученици и Му рекоа: „Пушти ги луѓето да отидат до околните села и куќи и да си најдат преноќевалиште и храна, зашто местово е пусто.“
13. Но Исус им рече: „Дајте им вие нешто да јадат.“ Тие Му одговорија: „Имаме само пет леба и две риби; освен ако сакаш да појдеме и да купиме храна за сите овие луѓе.“
14. А имаше околу пет илјади мажи. Исус им рече на учениците: „Нека поседнат луѓето во групи од по педесет души.“
15. Така и направија, ги испоседнаа сите луѓе.
16. Исус ги зеде петте леба и двете риби, и со поглед кон небото ги благослови и ги раскрши. Потоа им подаде на учениците да им ги разделат на луѓето.
17. Сите јадеа и се наситија, а собраа и дванаесет кошници остатоци.