Лука 8:31-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

31. Демоните Го молеа Исуса да не ги праќа во Бездната.

32. А во близината, на ридот, пасеше едно крдо свињи. Демоните Го замолија Исуса да ги пушти да влезат во свињите и Тој им дозволи.

33. Излегувајќи од човекот, демонските духови влегоа во свињите, кои јурнаа низ стрмнината право во езерото и се удавија.

34. Кога свињарите видоа што се случи избегаа и разгласија за тоа низ градот и околината.

35. Луѓето излегоа да видат што се случило и кога дојдоа кај Исус го видоа човекот од кој беа излегле демонските духови како седи до Исусовите нозе, облечен и присебен. Се исплашија.

36. А очевидците им раскажаа како беше исцелен обземениот човек.

37. Тогаш целиот народ од гадарскиот крај Го замоли Исуса да си замине од кај нив, зашто голем страв им беше влегол во коските. Исус се качи на бротчето и си замина.

38. А човекот што беше ослободен од демонските духови Го молеше и тој да Му се придружи;

39. но Исус го одби, велејќи му: „Врати се дома и раскажувај за ова што Бог го направи за тебе!“ Така тој отиде и на целиот град му раскажуваше што направи Исус за него.

40. Кога се врати, Исус беше топло поздравен од народот, зашто сите Го очекуваа.

Лука 8