Лука 8:14-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

14. Трнливата почва ги претставува оние луѓе кои ја слушаат Божјата порака, но прекумерната световна грижа за овој живот како и занесот по збогатување и уживање ја задушуваат пораката во нив и тие не донесуваат зрели плодови.

15. Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат пораката и ја одгледуваат во благородно и послушно срце и истрајуваат сe додека не донесат плод.“

16. „Никој не пали свеќа за да ја стави под капак или под кревет, туку ја клава на свеќник, пред вратата, за да им свети на оние што влегуваат во куќата.

17. Зашто, сe она што се крие ќе излезе на виделина, секоја тајна ќе се дознае и ќе излезе пред јавноста.

18. Значи, посветете му внимание на ова што го слушате, зашто, на оној што има нешто, ќе му се додаде уште, а на оној што нема, ќе му се одземе и она што мисли дека го има!“

19. Кај Исус дојдоа мајка Му и Неговите браќа, но од големата толпа народ не можеа да дојдат до Него.

20. Некој Му јави на Исус: „Мајка ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да се видат со Тебе.“

21. А Тој им одговори: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што ја слушаат Божјата порака и ја исполнуваат.“

22. Еден ден Исус се качи на бротче, заедно со Своите ученици, на кои им рече: „Да преминеме на другата страна од езерово!“ И испловија.

23. Додека пловеа, Тој заспа. Одеднаш, езерото го зафати силна бура и бротчето беше во опасност да потоне, а нивните животи беа загрозени.

24. Учениците дојдоа кај Исус, Го разбудија, викајќи: „Господару! Господару! Гинеме!“ Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на разбрануваното езеро да се смират. Настапи длабока тишина.

Лука 8