Лука 5:29-38 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

29. Набргу потоа Левиј приготви голема гозба во својот дом, во чест на Исус, а меѓу гостите, покрај другите луѓе, имаше и многу собирачи на данок.

30. А фарисеите и вероучителите од нивната група почнаа да негодуваат и им рекоа на Исусовите ученици: „Зошто јадете и пиете со собирачи на данок и со други отпадници?“

31. На ова, Исус им одговори: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните!

32. Јас не дојдов да повикувам праведници на покајание, туку грешници.“

33. Тогаш верските претставници Му рекоа на Исус: „Учениците на Јован Крстител редовно постат и се молат, како што прават и учениците на фарисеите, а Твоите ученици јадат и пијат!“

34. Исус им одговори: „Зар треба да се тераат сватовите да постат, додека младоженецот е со нив?

35. Но еден ден, младоженецот ќе се оддели од нив; тогаш тие ќе постат.“

36. Потоа им ја кажа оваа споредба: „Никој не кине парчиња од нова облека за да закрпи стара облека; зашто, така би се раскинала новата облека, а и новата крпа не би прилегала врз старата облека.

37. И никој не полни ново вино во стари кожни мешини, зашто мешините ќе пукнат од новото вино и виното ќе истече, а и мешините ќе пропаднат.

38. Затоа, ново вино треба да се става во нови мешини.

Лука 5