Лука 5:21-33 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

21. Вероучителите и фарисеите почнаа да си шепотат меѓу себе: „Овој човек е богохулник! Само Бог може да простува гревови и никој друг!“

22. Знаејќи им ги мислите, Исус им рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли?

23. Полесно ли е да се каже: ,Гревовите ти се простуваат!‘, или ,Стани и оди!‘?

24. Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјава да простувам гревови!“ Потоа му се обрати на парализираниот: „Ти наредувам: стани, земи си ја постелата и оди си здрав дома!“

25. Пред очите на сите, човекот веднаш оздраве, па стана, си ја зеде постелата на којашто лежеше и си отиде дома, славејќи Го Бога.

26. Сите останаа вчудовидени и Го славеа Бога со страхопочит, велејќи: „Чудесни работи видовме денес!“

27. Потоа Исус излезе и здогледа еден собирач на данок, по име Левиј, кој седеше на даночна тезга, па му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“

28. Левиј стана и оставајќи сe тргна по Исус.

29. Набргу потоа Левиј приготви голема гозба во својот дом, во чест на Исус, а меѓу гостите, покрај другите луѓе, имаше и многу собирачи на данок.

30. А фарисеите и вероучителите од нивната група почнаа да негодуваат и им рекоа на Исусовите ученици: „Зошто јадете и пиете со собирачи на данок и со други отпадници?“

31. На ова, Исус им одговори: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните!

32. Јас не дојдов да повикувам праведници на покајание, туку грешници.“

33. Тогаш верските претставници Му рекоа на Исус: „Учениците на Јован Крстител редовно постат и се молат, како што прават и учениците на фарисеите, а Твоите ученици јадат и пијат!“

Лука 5