Лука 5:16-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

16. Тој, пак, честопати се повлекуваше на пусти места, каде што во осаменост се молеше.

17. Еден ден, додека Исус поучуваше, меѓу слушателите седеа и некои фарисеи и вероучители, дојдени од сите градови на Галилеја и на Јудеја, како и од Ерусалим. Силата Господова Го поттикнуваше Исуса да исцелува болни.

18. И ете, некои луѓе носеа парализиран човек на носила; тие се обидуваа да го внесат човекот внатре, кај Исус.

19. Кога поради големата толпа не успеаја да го внесат внатре, тие се искачија на куќата и преку покривот го спуштија сосе носилата сред народот, пред Исус.

20. Кога Исус виде со колкава вера го прават тоа, му се обрати на парализираниот: „Човеку, гревовите ти се простуваат!“

21. Вероучителите и фарисеите почнаа да си шепотат меѓу себе: „Овој човек е богохулник! Само Бог може да простува гревови и никој друг!“

22. Знаејќи им ги мислите, Исус им рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли?

23. Полесно ли е да се каже: ,Гревовите ти се простуваат!‘, или ,Стани и оди!‘?

24. Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјава да простувам гревови!“ Потоа му се обрати на парализираниот: „Ти наредувам: стани, земи си ја постелата и оди си здрав дома!“

Лука 5