Лука 3:13-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. А тој им одговори: „Не земајте повеќе од она што е определено!“

14. Имаше и војници, кои го прашаа: „А што треба ние да правиме?“ Тој им одговори: „Не вршете насилства, не пријавувајте лажно никого и бидете задоволни со својата плата!“

15. Бидејќи народот беше во исчекување да се појави Божјиот Месија, се прашуваше да не е можеби Јован Месијата?

16. Затоа, Јован им се обрати на сите: „Јас ве крштавам во вода, а по мене иде поголем од мене, толку голем што јас не сум достоен ни сандалите да Му ги одврзам. Тој ќе ве крсти огнено, во Светиот Дух.

17. Тој ја има лопатата в раце и ќе го исчисти Своето гумно: житото ќе го собере во житните складови, а плевелот ќе го гори во оган што не гасне.“

18. Вака, и на многу други начини, Јован им ја проповедаше Радосната вест на луѓето и ги поттикнуваше да се поправат.

19. Јован јавно го прекоруваше и гувернерот Ирод, зашто тој беше ја зел Иродијада, жената на својот брат, а правеше и други злосторства,

20. додавајќи кон нив уште едно со тоа што го фрли Јована в затвор.

21. Еден ден, по крштавањето на сиот народ, се крсти и Исус. И додека Тој се молеше, се отвори небото,

22. и Светиот Дух слезе во телесен облик, како гулаб. Се чу и глас од небото, кој рече: „Ти Си Мојот Син - Мојот Љубимец, со Кого наполно Сум задоволен!“

Лука 3