32. Покрај Исус, на распнување водеа и двајца злосторници.
33. Кога пристигнаа на местото наречено ,Череп‘, таму ги распнаа Исуса и злосторниците: едниот оддесно, а другиот одлево на Исуса.
34. А Исус се молеше вака: „Прости им, Татко, зашто тие не се свесни, всушност, што прават!“ Неговите облеки ги поделија меѓу себе со жрепка.
35. Народот стоеше и го гледаше сето ова, а еврејските водачи Му се подбиваа, велејќи: „Другите ги спасуваше, нека се спаси сега Самиот Себеси, ако е Тој навистина Месијата - Избраникот Божји!“
36. Му се подбиваа и војниците. Му приоѓаа и Го принудуваа да пие оцет,
37. говорејќи: „Спаси се, ако си цар на Евреите!“
38. Над Него ставија штица со натпис, кој гласеше: ,Овој е Царот на Евреите!‘
39. Еден од распнатите злосторници Го навредуваше Исуса и Му велеше: „Зар не си Ти Месијата? Ајде, спаси се и Себеси и нас!“
40. Другиот, пак, го прекори и му рече: „Немаш ли малку страхопочит спрема Бога? И ти си осуден со истата казна!
41. Јас и ти сме праведно осудени и го добивме она што го заслуживме, а Тој ништо лошо не сторил!“
42. Потоа Му се обрати на Исуса: “Исусе, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето царство!“
43. Исус му одговори: „Ти ветувам дека денес ќе бидеш со Мене во рајот!“
44. Беше околу дванаесет часот, кога наеднаш настапи мрак по целата земја, сe до петнаесет часот.
45. Сонцето потемне, а завесата во храмот се расцепи по средината.
46. Тогаш Исус гласно извика: „Небесен Татко, во Твоите раце Го доверувам Мојот дух!“ Изговарајќи го ова, Тој умре.
47. Кога римскиот офицер виде што се случи, Му оддаде почит на Бог и рече: „Овој човек навистина беше праведник!“