32. А Јас се молев за тебе, Симоне, да не потклекнеш во твојата вера. Така и ти, кога повторно ќе се вратиш кај Мене, поткрепувај ги своите пријатели христијани!“
33. Петар одговори: „Господе! Јас сум готов да одам со Тебе и во затвор и во смрт!“
34. Но Исус му рече: „Еве, ти кажувам, Петре, пред да запеат петлите в зори, ти трипати ќе одрекуваш дека воопшто Ме познаваш!“
35. Потоа Исус ги праша Своите ученици: „Кога ве испратив на претходната мисија без ќесиња, без торби и чевли, дали бевте во скудност за нешто?“ Тие Му одговорија: „Не, за ништо!“
36. Но овојпат ви велам: „Кој има ќесе или торба, нека ги земе со себе; и кој нема меч, нека си го продаде палтото и нека си купи меч.
37. Зашто, еве, ви кажувам дека за Мене мора да се исполни она што е претскажано во Светото Писмо: “Тој ќе биде осуден како да е злосторник!“ Тоа ќе се оствари за Мене сега.
38. Учениците Му рекоа: „Господе, имаме два ножа!“ А Тој им рече: „Доволно зборувавме за тоа!“
39. Потоа Исус си замина од горната соба и отиде, како и обично, на Маслиновата Гора. Со Него појдоа и Неговите ученици.
40. Кога стигна на тоа место, им рече: „Молете се да не потклекнете пред искушението!“
41. А Тој се одвои од нив, на растојание колку што може да се фрли камен со рака и клекна да се моли:
42. „Небесен Татко! Ако сакаш, Те молам поштеди Ме од оваа страдалничка чаша! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата желба.“
43. Тогаш Му дојде ангел од небото и Го бодреше.
44. Кога Го обзеде стравотна внатрешна борба, Тој уште поревносно се молеше, така што пот му капеше по земјата како капки од крв.
45. Станувајќи од молитва, Тој се врати кај Своите ученици и ги затекна заспани, премалени од големата тага.
46. Па им рече: „Зошто спиете!? Станете и молете се за да не потклекнете пред искушението!“
47. Уште додека Исус зборуваше, пристигна толпа народ, предводена од Јуда, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Јуда Му се приближи на Исус, за да Го бакне, во знак на поздрав.