31. Исус продолжи: „Симоне, Симоне! Еве, Сатаната побара дозвола да ве искуша сите. Тој ќе се обиде да ве просее, како што земјоделецот ја просејува пченицата.
32. А Јас се молев за тебе, Симоне, да не потклекнеш во твојата вера. Така и ти, кога повторно ќе се вратиш кај Мене, поткрепувај ги своите пријатели христијани!“
33. Петар одговори: „Господе! Јас сум готов да одам со Тебе и во затвор и во смрт!“
34. Но Исус му рече: „Еве, ти кажувам, Петре, пред да запеат петлите в зори, ти трипати ќе одрекуваш дека воопшто Ме познаваш!“
35. Потоа Исус ги праша Своите ученици: „Кога ве испратив на претходната мисија без ќесиња, без торби и чевли, дали бевте во скудност за нешто?“ Тие Му одговорија: „Не, за ништо!“
36. Но овојпат ви велам: „Кој има ќесе или торба, нека ги земе со себе; и кој нема меч, нека си го продаде палтото и нека си купи меч.
37. Зашто, еве, ви кажувам дека за Мене мора да се исполни она што е претскажано во Светото Писмо: “Тој ќе биде осуден како да е злосторник!“ Тоа ќе се оствари за Мене сега.
38. Учениците Му рекоа: „Господе, имаме два ножа!“ А Тој им рече: „Доволно зборувавме за тоа!“
39. Потоа Исус си замина од горната соба и отиде, како и обично, на Маслиновата Гора. Со Него појдоа и Неговите ученици.
40. Кога стигна на тоа место, им рече: „Молете се да не потклекнете пред искушението!“
41. А Тој се одвои од нив, на растојание колку што може да се фрли камен со рака и клекна да се моли:
42. „Небесен Татко! Ако сакаш, Те молам поштеди Ме од оваа страдалничка чаша! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата желба.“
43. Тогаш Му дојде ангел од небото и Го бодреше.
44. Кога Го обзеде стравотна внатрешна борба, Тој уште поревносно се молеше, така што пот му капеше по земјата како капки од крв.