Лука 22:20-31 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

20. Исто така, по вечерата им ја подаде чашата и им рече: „Оваа чаша со вино го претставува Божјиот нов завет, што ќе биде заверен со Мојата крв, која се пролева за вас.

21. Но еве ја веќе раката на Мојот предавник, кој вечерва седи со Мене на трпезава!

22. Да, Јас, Синот Човечки, ќе умрам како што Ми е определено, но тешко на оној што Ме предава!“

23. Тогаш апостолите почнаа меѓу себе да се прашуваат, кој може меѓу нив да биде тој што ќе Го предаде?

24. Меѓу учениците на Исус настана расправија околу тоа кој од нив ќе биде на највисока позиција.

25. А Исус им рече: „Царевите на другите народи владеат над своите народи и сакаат да бидат нарекувани ,Народни добротвори.‘

26. Но меѓу вас не смее да биде така! Напротив, најголемиот меѓу вас треба да се потчини како да е најмлад; водачот треба да ви служи.

27. Кој е поголем: оној што седи или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А еве, Јас Сум меѓу вас како слуга.

28. Вие останавте со Мене во текот на сите Мои искушенија.

29. И, еве, Јас ви давам царска чест, како што и небесниот Татко ми ја даде Мене.

30. Вие ќе јадете и ќе пиете на Мојата трпеза, во Царството Мое, ќе седите на престоли и ќе им судите на дванаесетте израелски племиња.“

31. Исус продолжи: „Симоне, Симоне! Еве, Сатаната побара дозвола да ве искуша сите. Тој ќе се обиде да ве просее, како што земјоделецот ја просејува пченицата.

Лука 22