1. Кружејќи со погледот, Исус виде како богатите ставаат големи парични прилози во храмот.
2. Потоа виде и една сиромашна вдовица која стави само две бакарни парички,
3. па рече: „Ве уверувам дека оваа сиромашна вдовица даде поголем прилог од сите,
4. бидејќи, сите други дадоа прилози за храмот од вишокот што го имаат, а таа, и покрај својата сиромаштија, ја даде сета своја животна издршка.“
5. Бидејќи некои луѓе зборуваа за храмот, за неговите украсни камења и за подарените работи во него, Исус рече:
6. „Доаѓа време кога од сето ова што го гледате ниеден камен нема да остане на своето место - сe ќе биде разурнато!“
7. Тогаш тие Го прашаа: „Учителе, кога ќе се случи тоа? По што ќе се познае дека тоа ќе почне да се исполнува?“
8. А Тој им рече: „Чувајте се да не бидете заведени. Мнозина ќе се појават под Моето име и ќе тврдат: ,Јас сум вистинскиот Месија!‘ и ,Дојде времето!‘ Не одете по таквите!“