Лука 20:7-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. Затоа, Му одговорија дека не знаат.

8. Тогаш Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам кој Ми го даде правото да го правам ова што го правам!“

9. Потоа Исус му ја кажа на народот следнава споредба: “Еден човек си насади лозје, им го даде под наем на лозарите и си замина од тој крај на подолго време.

10. Кога дојде времето за гроздобер, тој прати еден од своите слуги за да му го донесе делот од бербата што му припаѓа како надомест. Но лозарите го натепаа и го испратија со празни раце.

11. Потоа прати друг слуга, но лозарите и него го натепаа, го понижија и го испратија со празни раце.

12. Прати и трет слуга, но лозарите и него го претепаа и го избркаа.

13. Тогаш сопственикот на лозјето рече: ,Што да правам? Ќе го испратам мојот син - љубимецот мој; се надевам дека спрема него ќе покажат почит.‘

14. Но кога лозарите го видоа синот, си рекоа еден на друг: ,Еве го наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!‘

15. Исфрлајќи го надвор од лозјето, тие го убија. Сега, што ќе им направи сопственикот на лозарите?

16. Ќе дојде и ќе ги погуби тие злосторници, а лозјето ќе им го даде под наем на други лозари!“ А луѓето што го слушаа ова, рекоа: ,Да не даде Господ вакво нешто да се случи!‘

17. Исус ги погледна и ги праша: „Тогаш, што значат следниве зборови запишани во Светото Писмо: ,Каменот што ѕидарите го отфрлија, стана камен - темелник‘?

18. Секој што ќе се сопне од тој камен ќе се распарчи, и врз кого тој ќе падне - ќе го здроби!“

19. Во тој момент, вероучителите и свештеничките поглавари сакаа да Го уапсат Исуса, бидејќи сфатија дека кажаната споредба се однесува на нив; но се плашеа од народот.

20. Продолжија да Го држат на око, а Му испраќаа и поткажувачи кои се преправаа дека се искрени, за да Го уловат на зборови и да Го поткажат на властите и на покраинските управници.

21. Тие Му велеа: „Учителе, знаеме дека тоа што го зборуваш и го учиш е правилно. Знаеме дека Ти не гледаш на тоа кој е кој, туку вистинито го проповедаш Божјиот пат.

Лука 20