33. А Јосиф и Марија се восхитуваа од овие зборови искажани за Исус.
34. Тогаш Симон ги благослови, и и рече на Марија, мајката на Детето: „Ова Детенце е избрано од Господ да собори и да подигне мнозина во Израел; ќе биде знак против кој луѓето ќе зборуваат,
35. откривајќи ги така своите тајни мисли. А тебе, тагата како меч ќе ти ја прободе душата.“
36. Таму беше и една многу стара пророчица, по име Ана, ќерка на Фануел, од Ашеровото племе. По своето моминство, таа живеела во брак седум години, а потоа останала сама; сега имаше осумдесет и четири години.
37. Таа беше постојано во храмот и Му служеше на Господ и дење и ноќе, постејќи и молејќи се.
38. Токму кога Симон разговараше со Јосиф и Марија, таа пријде и почна да Го слави Бога и да им зборува за Исус на сите што очекуваа да се појави ветениот Цар, Кој ќе го избави Ерусалим.
39. Кога Јосиф и Марија извршија сe што беше пропишано според Господовиот Закон, се вратија во својот град, Назарет, во покраината Галилеја.
40. Таму Детето растеше и закрепнуваше; беше полно со мудрост, а Бог Му беше особено благонаклонет.
41. Родителите на Исус одеа секоја година во Ерусалим, за време на празникот Пасха.
42. Кога Исус имаше дванаесет години, тие отидоа со Него на празникот, како и обично.
43. По празникот, тие тргнаа дома, а Исус остана во Ерусалим без знаење на Неговите родители.
44. Мислејќи дека е некаде меѓу патниците, тие патуваа цел ден, барајќи Го меѓу роднините и пријателите.
45. Бидејќи не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат таму.
46. По три дена Го најдоа во храмот, каде што седеше со еврејските учители, ги слушаше и им поставуваше прашања.
47. Сите што Го слушаа беа одушевени од Неговите умни одговори.
48. Кога Го видоа, Неговите родители се изненадија, а мајка му Му рече: „Зошто ни го направи тоа, чедо мое!? И татко ти и јас се изнамачивме барајќи Те!“
49. Тој им одговори: „Зошто сте Ме барале? Зар не знаевте дека Јас треба да бидам во служба на Мојот Татко!?“
50. Но тие не го разбраа Неговиот одговор.
51. Потоа Исус се врати со нив во Назарет и им беше послушен. Мајка му грижливо ги редеше во своето срце сите овие случки.