17. Ве уверувам дека тие што нема да го прифатат Божјото царство како малите деца - нема да влезат во него!“
18. Еден од еврејските старешини Го праша Исуса: „Добар Учителе! Што треба да сторам за да се здобијам со вечен живот?“
19. Исус му одговори: „Зошто Ме нарекуваш ,добар‘? Само Бог е добар и никој друг.
20. Заповедите ги знаеш: ,Не врши прељуба, не убивај, не кради, не обвинувај лажно, почитувај ги татка си и мајка си ...‘“
21. Човекот одговори: „Спрема сите овие заповеди се придржувам уште од својата младост.“
22. Слушајќи го ова, Исус му рече: „Ти недостасува уште само една работа: продај сe што имаш, раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе имаш богатства на небото. Потоа, дојди и биди Мој следбеник.“
23. Кога го чу ова, човекот се разочара, зашто беше многу богат.
24. Забележувајќи дека човекот се разочара, Исус рече: „Колку е тешко богат човек да влезе во Божјото царство!
25. Полесно ќе се спровре камила низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во Божјото царство!“
26. Тие што Го слушаа, Го запрашаа: „Тогаш, кој може да се спаси!?“
27. Исус им одговори: „Тоа што не можат да го сторат луѓето, може да го стори Бог.“
28. Тогаш Петар Му рече: „Ете, ние оставивме сe што имавме и станавме Твои следбеници!“
29. Исус одговори: „Ве уверувам дека секој што оставил куќа, жена, браќа, родители или деца заради Божјото царство,
30. ќе добие многу повеќе, уште на овој свет, а и вечен живот на идниот свет!“
31. Потоа Исус ги поведе со Себе дванаесеттемина Свои ученици и им рече: „Слушајте! Сега ќе влеземе во Ерусалим, каде што за Синот Човечки ќе се исполни сe што претскажале пророците.