26. Во времето кога ќе се вратам Јас, Синот Човечки, состојбата во светот ќе биде слична со онаа во времето на Ное:
27. луѓето си продолжуваа да јадат, да пијат, да се женат и да се мажат, сe додека Ное не влезе во ковчегот и настапи потопот, кој сите нив ги погуби.
28. Состојбата во светот ќе биде како во времето на Лот: луѓето си продолжуваа да јадат, да пијат, да купуваат и да продаваат, да садат и да градат.
29. Но штом Лот излезе од Содом, од небото се истури оган и сулфур и сите ги погуби.
30. Истото ќе се случи и кога ќе се вратам Јас, Синот Човечки.
31. Во тој ден, оној што ќе се најде на покрив, нека не слегува по својата покуќнина! Тој што ќе се најде в поле, нека не се враќа дома!
32. Сетете се што и се случи на Лотовата жена!
33. Оној што ќе настојува грчовито да си го зачува животот - ќе го загуби, а тој што до смрт ќе го вложи во Божја служба - ќе го запази!
34. Таа ноќ, од двајца што ќе спијат во ист кревет - едниот ќе биде земен, а другиот оставен.
35. Од две жени што ќе мелат заедно - едната ќе биде земена, а другата оставена.
36. („Двајца ќе работат на нива, едниот ќе биде земен, а другиот оставен.“)