Лука 17:19-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

19. Потоа Исус му рече: „Стани и оди си, твојата вера те исцели!“

20. Еден ден, некои од фарисеите Го прашаа Исуса: „Кога ќе завладее Божјото царство?“ Неговиот одговор гласеше: „Божјото царство не доаѓа на видлив начин.

21. Не може да се каже: Еве го овде! или Ене го онде! Божјото царство е меѓу самите вас.“

22. Потоа им рече на Своите ученици: „Ќе дојде време кога ќе копнеете да Ме видите Мене, Синот Човечки, макар и само еден ден, но нема да Ме видите.

23. Ќе има луѓе што ќе ви зборуваат: ,Ене Го онде!‘ или ,Еве Го овде!‘

24. Не одете по нив да Го барате, зашто, како што молскавицата светка на едниот крај на небото, а болскотот и се гледа до другиот крај, така ќе биде и со Синот Човечки на денот на Неговото враќање.

25. Но Тој најпрво ќе мора да настрада и да биде отфрлен од оваа генерација.

26. Во времето кога ќе се вратам Јас, Синот Човечки, состојбата во светот ќе биде слична со онаа во времето на Ное:

27. луѓето си продолжуваа да јадат, да пијат, да се женат и да се мажат, сe додека Ное не влезе во ковчегот и настапи потопот, кој сите нив ги погуби.

28. Состојбата во светот ќе биде како во времето на Лот: луѓето си продолжуваа да јадат, да пијат, да купуваат и да продаваат, да садат и да градат.

29. Но штом Лот излезе од Содом, од небото се истури оган и сулфур и сите ги погуби.

30. Истото ќе се случи и кога ќе се вратам Јас, Синот Човечки.

31. Во тој ден, оној што ќе се најде на покрив, нека не слегува по својата покуќнина! Тој што ќе се најде в поле, нека не се враќа дома!

32. Сетете се што и се случи на Лотовата жена!

Лука 17