19. Тоа може да се спореди со синапово зрно што ќе го посее човек во својата градина. Тоа израснува и се развива во стебло на кое и птиците слетуваат и си прават гнезда меѓу неговите гранки.“
20. Исус продолжи: „Со што да го споредам Божјото царство?
21. Тоа може да се спореди со квасец што го зема жена и го замесува со три мери брашно; и целото тесто нараснува!“
22. На пат кон Ерусалим, Исус патуваше низ градови и села, поучувајќи ги луѓето.
23. Некој го праша: „Господине, мал број ли ќе бидат луѓето што ќе се спасат?“ А Исус им се обрати на сите:
24. Вратата кон небото е тесна, затоа трудете се да влезете низ неа. Ве уверувам дека мнозина ќе сакаат да влезат, но нема да можат!
25. Штом ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата, тогаш, вие, ако останете надвор, ќе тропате и ќе викате: ,Господе, отвори ни!‘ А Тој ќе ви одговори: ,Не ве познавам кои сте и од каде сте?‘
26. Вие ќе викате: ,Со тебе јадевме и пиевме; Ти поучуваше по нашите улици!‘
27. Но Тој повторно ќе ви рече: ,Не знам кои сте и од каде сте! Бегајте од Мене сите вие што вршевте зло!‘
28. Колку ќе плачете и ќе крцкате со заби тогаш, кога ќе ги видите Авраам, Исак, Јаков и сите пророци во Божјото царство, а вие ќе останете избркани надвор!
29. Таму ќе има луѓе од исток и од запад, од север и од југ и ќе седнат на трпезата во Божјото царство.
30. Некои што овде се презрени, таму ќе бидат почитувани, а некои што овде се почитувани, таму ќе бидат презрени!“
31. Во тие мигови кај Исус дојдоа неколку фарисеи и Му рекоа: „Замини си одовде и оди на некое друго место, зашто Ирод сака да Те убие!“
32. Но Исус им одговори: „Одете кај тој лисец и кажете му: уште денес и утре ќе истерувам демонски духови и ќе исцелувам, а на третиот ден ќе завршам.
33. Но денес, утре и задутре морам да го продолжам Својот пат, зашто не прилега Божји пророк да загине на друго место, туку - во Ерусалим!“