5. Да ви кажам од Кого треба да се плашите: плашете се од Бога, Кој, откако ќе убие, има моќ да ги фрли луѓето во пеколот! Ве уверувам дека од Него треба да се плашите!
6. Не се продаваат ли пет врапчиња за две парички? Сепак, ниту едно од нив не е заборавено од Бог!
7. А вам и влакната на главата ви се броени! Затоа, не плашете се - вие сте многу поскапоцени од јата врапчиња!“
8. „Ве уверувам дека, секој што овде на земјава јавно ќе се изјасни дека Ме прифаќа Мене, и Јас ќе се изјаснам дека го прифаќам него, во присуство на Божјите ангели!
9. Секој, пак, што овде на земјава ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе се откажам и Јас од него пред Божјите ангели.
10. На оној што Ме навредува Мене, Синот Човечки, може да му се прости, но на оној што Го навредува Светиот Дух - нема да му биде простено!
11. Кога ќе ве приведат на сослушување во синагогите, пред управници и владетели, не грижете се за тоа како ќе се браните и што ќе зборувате,
12. зашто во тој час Светиот Дух ќе ве поучи што треба да кажете.“
13. Од народот се огласи еден човек и Му рече на Исус: „Учителе! Кажи му на брат ми да го подели со мене имотот што ни остана од татко ни!“
14. А Исус му одговори: „Човеку! Кој Ме поставил Мене да ви пресудувам и да ви го делам имотот!?“
15. Потоа им се обрати на сите: „Внимавајте и пазете се од секаков вид лакомство, зашто ни на оној што е многу богат, животот не му е сигурен само затоа што е богат!“
16. Потоа им ја кажа следнава споредба: “Си беше еднаш еден богат човек, чии ниви родија богат род.
17. Тој почна да размислува вака: ,Што да правам? Немам доволно место да го соберам сиот род!‘
18. Па си рече: ,Еве што ќе направам: ќе ги урнам моите складови за жито и на нивното место ќе подигнам поголеми, па во нив ќе го соберам сето жито и сето мое богатство.