23. Животот е многу повеќе од храната, и телото - од облеката.
24. Гледајте ги гавраните: ни сеат, ни жнеат, ниту имаат амбари и складови; нив Бог ги храни. А колку поскапоцени од птиците сте вие!
25. Може ли некој да си го продолжи животот преку грижи?
26. Па, ако не можете да постигнете ни толку мала работа, тогаш, зошто се грижите за останатото!?
27. Погледнете како растат полските цвеќиња: ниту работат, ниту предат, па, сепак, ви велам дека ни царот Соломон, во блесокот на својата слава, не беше накитен како едно од нив!
28. Ако Бог вака ја облекува тревата, која денес постои, а веќе утре в оган се фрла, нема ли и за вас да се погрижи? Колку малку вера имате!
29. Затоа, нека не ве мачат грижи за тоа што ќе јадете или што ќе пиете - не вознемирувајте се за тоа!
30. Тоа им е својствено на народите кои не го познаваат Бога, кои се јадосуваат поради овие работи. Вашиот небесен Татко знае дека тие работи ви се неопходни.
31. Вие, пак, грижете се најнапред за Божјото царство, а сите останати работи ќе ви бидат обезбедени.
32. Не плаши се, мало стадо, зашто вашиот небесен Татко со задоволство ќе ви го даде Царството!
33. Продавајте ги своите имоти и разделувајте им ги парите на сиромасите. На тој начин ќе добиете торби што не се кинат, со трајно богатство на небото - таму, каде што ниту крадци провалуваат, ниту молци уништуваат!
34. Зашто, срцето секогаш ќе ви биде таму каде што ви е богатството.“
35. „Бидете подготвени - облечени за работа и со запалени светилки -
36. како слуги што го очекуваат својот господар да се врати од свадбена веселба. Штом тој ќе пристигне и ќе затропа на вратата, тие веднаш му отвораат.
37. Блазе на тие слуги кои господарот ќе ги затекне будни кога ќе се врати. Ве уверувам дека тој ќе се зафати со работа, а нив ќе ги седне и ќе ги послужува!
38. Блазе ним ако ги затекне будни, макар тој да се врати на полноќ, или в рани зори!
39. Ова запомнете го: кога домаќинот би знаел во кое време ќе му упадне крадец, не би дозволил тој да му провали во куќата!
40. Така и вие, бидете подготвени, зашто Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во час во кој не Ме очекувате!“