19. Тогаш ќе и речам на мојата душа: душо, имаш насобрано големо богатство, за многу години. Олабави се, јади, пиј и уживај!‘
20. Но Бог му рече: ,Глупаку! Уште вечерва ќе ти ја земам душата! На кого ќе му припадне сето ова што си го насобрал!?‘
21. Ете, ваква ќе му биде судбината на секој што си напластува само земни богатства, а не се збогатува со она што вреди пред Бог!“ - заклучи Исус.
22. Потоа Исус им се обрати на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се премногу за храната и за облеката што ви е потребна.
23. Животот е многу повеќе од храната, и телото - од облеката.
24. Гледајте ги гавраните: ни сеат, ни жнеат, ниту имаат амбари и складови; нив Бог ги храни. А колку поскапоцени од птиците сте вие!
25. Може ли некој да си го продолжи животот преку грижи?
26. Па, ако не можете да постигнете ни толку мала работа, тогаш, зошто се грижите за останатото!?
27. Погледнете како растат полските цвеќиња: ниту работат, ниту предат, па, сепак, ви велам дека ни царот Соломон, во блесокот на својата слава, не беше накитен како едно од нив!
28. Ако Бог вака ја облекува тревата, која денес постои, а веќе утре в оган се фрла, нема ли и за вас да се погрижи? Колку малку вера имате!
29. Затоа, нека не ве мачат грижи за тоа што ќе јадете или што ќе пиете - не вознемирувајте се за тоа!
30. Тоа им е својствено на народите кои не го познаваат Бога, кои се јадосуваат поради овие работи. Вашиот небесен Татко знае дека тие работи ви се неопходни.
31. Вие, пак, грижете се најнапред за Божјото царство, а сите останати работи ќе ви бидат обезбедени.