Лука 11:37-44 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

37. Кога Исус го заврши Своето излагање, еден фарисеј го покани на ручек кај него. Исус отиде и седна на трпезата.

38. Фарисејот се изненади кога забележа дека Исус не го изврши еврејскиот ритуал на миење пред да седне да јаде,

39. а Господ му рече: „Да, вие фарисеите ги миете однадвор чашите и садовите, а однатре сте полни со лакомство и лошотија!

40. Безумници! Зар Оној што ја создал надворешноста не ја создал и внатрешноста?

41. Разделете им го на сиромашните тоа што е внатре, па сe ќе ви биде чисто!

42. Тешко вам, фарисеи, кои давате десеток дури и од нане, од седеф и од секакви билки, а ги запоставувате правдата и љубовта спрема Бог! Треба во прв ред да го правите тоа што го запоставивте, а дури потоа и останатото.

43. Тешко вам, фарисеи, кои сакате да седите на почесни места по синагогите и да ви искажуваат почит по плоштадите!

44. Тешко вам, бидејќи сте како необележани гробишта по кои луѓето врват, без да знаат по што одат!“

Лука 11