24. Ви велам: многу пророци и цареви сакаа да го видат ова што го гледате вие, но не го видоа; сакаа да го слушаат тоа што вие го слушате, но немаа можност!“
25. Еден учител на верскиот Закон дојде и искушувајќи Го Исуса, Го праша: „Учителе! Што треба да правам за да стекнам вечен живот?“
26. Исус, во одговор му рече: „Што вели за тоа Светото Писмо? Што си прочитал во него?“
27. Човекот одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сите свои сили и со сиот свој разум“, и „Сакај го својот ближен како себеси“.
28. „Токму така!“ - му одговори Исус. „Прави го тоа и ќе живееш.“
29. Но учителот на Законот сакаше да се оправда, па продолжи да Го прашува Исуса: „А кој е мојот ближен?“
30. Исус му одговори вака: “Еднаш, еден човек, слегувајќи од Ерусалим во Јерихо, беше нападнат од разбојници, кои го ограбија и натепаа, оставајќи го полумртов.
31. Се случи тука да помине еден еврејски свештеник. Тој го забележа човекот, но го заобиколи и си замина.
32. Истото се повтори кога тука помина и еден Левит: тој се доближи до човекот, го виде како лежи и си замина.
33. Потоа намина еден Самарјанец, му пријде и кога го виде, му стана жал;
34. па му ги исчисти раните со масло и вино и му ги преврза. Потоа го качи на своето добиче, го однесе до најблиската гостилница и го смести.