1. Од Павле, избран од Бог да Му биде апостол на Исус Христос, и од нашиот брат по вера Тимотеј,
2. до христијаните во градот Колос, до нашите пријатели, верни следбеници на Христос. Бог, нашиот Татко, нека ви биде благонаклонет и нека ви даде мир.
3. Секогаш кога се молиме за вас, Му благодариме на Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос,
4. зашто слушнавме за вашата вера во Исус Христос, и за љубовта што ја имате спрема сите Божји луѓе.
5. Вашата вера и љубов се засновани врз надежта што ја имате за она што е подготвено за вас на небото. За тоа слушнавте од вистинитата порака - од Радосната вест.
6. Таа се проповеда по целиот свет и се шири со голем успех, давајќи плодови како и кај вас, од првиот ден кога ја слушнавте вистината и дознавте колку Бог ни е благонаклонет.
7. Радосната вест ја слушнавте од Епафрас, нашиот драг соработник, човек што верно Му служи на Христос и работи за вас.
8. Тој ни раскажа за вашата голема христијанска љубов што ви ја дал Светиот Дух.