Јован 8:8-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

8. Потоа повторно се наведна и продолжи да пишува по земјата.

9. Кога обвинителите го слушнаа тоа, еден по еден почнаа да си заминуваат, на чело со старешините, се додека не останаа само Исус и жената, која стоеше на средината.

10. Исус се исправи и ја праша: „Жено, каде се луѓето што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“

11. „Никој, Господине!“ - Му одговори таа. „Тогаш ни Јас не те осудувам; оди си и отсега не греши“ - и рече Исус.

12. Подоцна, Исус повторно им зборуваше на фарисеите: „Јас сум Светлината на светот! Секој што ќе биде Мој следбеник ќе ја има животодавната Светлина и никогаш нема да талка во темнина!“

13. Тогаш фарисеите Му рекоа: „Еве, сега Самиот сведочиш за Себе! Значи, Твоето сведоштво не е веродостојно!“

14. Исус им одговори: „И да сведочам Сам за Себе, тоа што го кажувам е веродостојно, затоа што Јас знам од каде дојдов и каде заминувам. А вие не знаете ниту од каде доаѓам, ниту каде заминувам.

15. Вие судите според човечки мерила, а Јас никого не судам.

16. А, и ако судам, Мојот суд е справедлив, бидејќи тоа не го правам Сам, туку заедно со Таткото што Ме испрати.

17. Во вашиот Закон стои запишано дека сведоштвото од двајца се смета за веродостојно.

18. Јас сведочам за Себе и Мојот Татко што Ме испрати сведочи за Мене.“

Јован 8