Јован 8:45-59 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

45. А мене не Ми верувате, зашто Јас ја кажувам вистината.

46. Кој од вас може да Ме обвини за грев? Ако, пак, ја зборувам вистината, тогаш зошто не Ми верувате?

47. Оној што е од Бога, ги слуша Божјите зборови, а вие не сте од Бога и затоа не сакате да слушате.“

48. Еврејските верски водачи Му рекоа на Исуса: „Зар не сме во право кога велиме дека Ти си Самарјанец и дека си обземен од демон!?“

49. Исус им одговори: „Јас немам демон во Себе, зашто Го почитувам Мојот небесен Татко, а вие Ме срамотите.

50. Иако, Јас не барам слава за Себе, Бог бара да Ме почитувате и Тој ќе суди за тоа.

51. Ве уверувам дека тој што се држи до Моето учење, никогаш нема да умре!“

52. Еврејските верски водачи Му рекоа: „Сега сме уверени дека си обземен од демон! Авраам умре и пророците умреа, а Ти велиш: ,Тој што се држи до Моето учење, никогаш нема да умре!‘

53. Зар си Ти поголем од нашиот татко Авраам, кој сепак умре!? А и пророците умреа. Што се замислуваш Ти!?“

54. Исус им одговори: „Ако Јас самиот си придавам чест, Мојата слава е ништожна. Мојот Татко е Тој што Ме прославува - Оној, за Кого вие велите дека е ваш Бог,

55. а никогаш не сте Го познавале. Јас, пак, Го знам. Кога би рекол дека не Го знам, би бил лажливец како вас. Но Јас Го знам и го извршувам тоа што Тој ќе го каже.

56. Вашиот прататко Авраам се радуваше во очекувањето да го види денот на Моето доаѓање; тој го виде и беше пресреќен.“

57. „Како си можел да го видиш Авраам, кога немаш ни педесет години!?“ - Му рекоа еврејските верски водачи.

58. Исус им одговори: „Ве уверувам дека уште пред да се роди Авраам, ЈАС СУМ!“

59. Тогаш тие зедоа камења за да фрлаат по Него, но Исус се скри и го напушти храмот.

Јован 8