Јован 7:6-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

6. Исус им одговори: „Се уште не е дојден вистинскиот момент за Мене, а за вас секое време е погодно.

7. Вас светот не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, затоа што постојано му зборувам за неговите зли дела и гревови.

8. Одете вие на празникот. За Мене се уште не е погоден моментот да тргнам на овој празник во Ерусалим.“

9. Тој го рече тоа, и остана во Галилеја.

10. А кога Неговите браќа заминаа на празникот, тогаш и Исус се искачи во Ерусалим, но не јавно, туку скришно.

11. Еврејските верски водачи, пак, Го бараа за време на празникот и прашуваа: „Каде е Тој?“

12. Во толпата народ многу се шепотеше за Исус. Едни велеа дека е добар, а други велеа: „Тој го мами народот!“

13. Но, никој не зборуваше јавно за Него, поради страв од еврејските верски водачи.

14. Кон средината на празникот, Исус се искачи во храмот и почна да поучува.

15. Тогаш еврејските верски водачи се зачудија и рекоа: „Од каде Му на Овој Човек такво знаење, кога никогаш не се школувал!?“

16. Исус, пак, им одговори: „Тоа што го проповедам не сум го измислил Јас, туку произлегува од Бога, Кој Ме испрати.

17. Тој што сака да ја извршува Божјата волја, ќе знае дали ова учење е од Бога, или Јас во Свое име зборувам.

18. Тој што зборува во свое име се обидува себеси да се прослави. Човекот, пак, што настојува да го прослави Оној што Го испратил, е чесен и во Него нема неправда.

19. Зар Мојсеј не ви го даде Божјиот закон? Па сепак, никој од вас не постапува според тој Закон, туку сакате да Ме убиете!“

Јован 7