Јован 7:26-41 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

26. А ете, Тој јавно зборува и никој ништо не Му вели! Можеби старешините сфатиле дека Тој е Месијата!?

27. Но сите ние знаеме од каде е овој човек, а кога ќе дојде Месијата - никој нема да знае од каде е!“

28. Додека поучуваше во храмот, Исус извика: “Дали навистина Ме знаете и дали знаете од каде Сум? Јас не дојдов Сам од Себе! Тој што Ме испрати е вистинит, но вие не Го познавате.

29. А Јас Го знам Тој што Ме прати, зашто од Него дојдов.“

30. Тогаш сакаа да Го уапсат, но никој не крена рака на Него, зашто се уште не беше дошол часот што Тој го определи за тоа.

31. Од толпата народ собрана во храмот, многумина поверуваа во Него и говореа: „Кога ќе дојде Месијата зарем ќе направи повеќе чуда од Овој Човек!?“

32. Кога фарисеите слушнаа дека толпата народ така шепоти за Исус, во договор со свештеничките поглавари испратија стражари за да Го уапсат Исуса.

33. Но Исус им рече: “Кај вас ќе бидам уште малку време, а потоа ќе се вратам кај Оној што Ме испрати.

34. Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете, зашто вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас.“

35. Еврејските верски водачи почнаа да се прашуваат еден со друг: “Каде наумил да оди, кога вели дека нема да можеме да Го најдеме!? Да нема намера да оди кај грчката дијаспора, за да ги поучува Грците?

36. Што значат овие Негови изјави: ,Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете‘ и ,вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас‘?“

37. А во последниот и најважен ден од празникот, Исус застана и извика: „Кој е жеден, нека дојде кај Мене да пие!

38. Како што вели Светото Писмо: „Реки животодавна вода ќе потечат од срцето на оној што верува во Мене!“

39. (Исус ова го рече за Светиот Дух, Кого имаше намера да им Го даде на оние кои поверуваа во Него. Светиот Дух се уште не му беше даден никому, бидејќи Исус се уште не беше целосно прославен.)

40. Кога народот го слушнаа ова, некои од нив рекоа: „Овој мора да е претскажаниот Пророк!“

41. Други велеа: „Овој е Месијата!“ Но останатите говореа: „Зар од Галилеја ќе дојде Месијата!?

Јован 7