24. Кога луѓето видоа дека ги нема ни Исуса, ни Неговите ученици, влегоа во бротчињата и отидоа во Кафарнаум, за да Го бараат.
25. Кога луѓето Го најдоа Исуса, од другата страна на езерото, Го прашаа: „Раби, кога пристигна овде?“
26. Исус им одговори: „Вистина е дека вие не Ме барате затоа што ги разбравте Моите чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте!
27. Престанете да се грижите само за храната што се расипува! Погрижете се за храната што дава вечен живот, која ќе ви ја дадам Јас, Синот Човечки, затоа што, Бог, небесниот Татко, Ми го даде тоа право!“
28. „Што треба да правиме, за да го исполниме она што Бог го бара од нас?“ - го прашаа тие.
29. Исус им одговори: „Бог бара од вас да верувате во Оној што Тој Го прати.“
30. Тогаш тие Му рекоа: „Какво чудо ќе направиш, за да видиме, па да Ти поверуваме? Што ќе направиш?
31. Нашите предци јадеа мана во пустината, како што стои запишано: ,Бог им даде да јадат леб од небото‘.“
32. Исус, пак, им одговори: „Ве уверувам дека не беше Мојсеј тој што ви даде леб од небото, туку Мојот Татко. И сега Мојот Татко ви го нуди вистинскиот Леб од небото.
33. Зашто, Лебот што ви го дава Бог е Оној што слезе од небото, за да му даде живот на светот.“
34. „Господине“, - му рече народот - „давај ни го тој леб секогаш!“