Јован 6:13-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. Од петте јачменови лебови, тие собраа и наполнија дванаесет кошници со парчиња што им останаа на луѓето кои јадеа.

14. Кога го видоа чудото што Исус го направи, луѓето говореа: „Овој навистина е Пророкот чие доаѓање на светот ни беше предвестено!“

15. Но, Исус, кога дозна дека наумиле сосила да Го зграпчат и да Го прогласат за цар, повторно се повлече сам во гората.

16. На квечерина, учениците на Исус слегоа до езерото.

17. Се качија во едно бротче и се упатија кон Кафарнаум, од другата страна на езерото. Веќе се беше стемнило, а Исус се уште не беше дошол кај нив.

18. Почна да дува силен ветер од кој езерото се разбранува.

19. Кога извеслаа околу четири до пет километри, тие Го видоа Исуса како се доближува до бротчето, одејќи по езерото, и се исплашија.

20. А Тој им рече: „Јас сум! Не плашете се!“

21. Тогаш тие се осмелија да Го примат во бротчето и бротчето веднаш се најде на оној дел од брегот каде што се беа упатиле!

Јован 6